Политичките лидери со меѓусебни обвинувања за неуспешните преговори во Брисел

Сподели со своите пријатели

Разговорите во Брисел завршија без договор за разврска на политичката криза во Македонија по пат на преговори, се огласи СДСМ по маратонските преговори.

Loading...

Според СДСМ, не е задоволен условот за суштинското прашање околу отворањето преговори,  организирање Влада што нема да ја предводи Никола Груевски.

– Неразумно и нелогично е креаторот на политичката криза, Никола Груевски, да остане да раководи со Владата што треба да организира и спроведе предвремени парламентарни избори. Груевски беше подготвен да даде `се и да направи `се, само да ја сочува својата фотелја. Нема пазарење со слободата и демократските вредности што ги заслужуваат граѓаните на Македонија, како и нивните сограѓани од Европа. Никола Груевски мора да се повлече, соопшти СДСМ.

Од друга страна, Груевски го обвини Заев дека не сака договор бидејќи се плаши од избори, додека според Заев, избори кои би ги организирал Груевски не може да бидат фер.

„Ние денеска преговаравме повеќе од 12 часа и мојата крајна констатација е дека господинот Заев ниту сакаше да постигне договор, ниту, пак, дојде до тоа. Причината е што тој не дојде да се договори, туку тој дојде да не се договори. Човекот се плаши од избори. Тој знае дека на наредните избори ќе доживее тешко фијаско, дека ќе го доживее најголемиот пораз на СДСМ досега во неговата историја. Ни договор сака да постигне, ниту избори да има. Тоа е целиот проблем со него и атмосферата што ја градеше претходните денови, укажуваше дека не сака да постигне договор“, изјави Груевски по состанокот.

Хан изрази разочараност и ги повика сите страни да најдат траен политички компромис.

Тој на својот Твитер профил напиша: „Нема конечен договор на разговорите за БЈР Македонија. Многу сум разочаран од недостатокот на одговорност и лидерство на некого. Граѓаните заслужуваат подобро: демократија, владеење на правото и европска иднина. Нема да се откажеме!“