Педесет и петгодишниот З.Д., а инаку стечаен управник на КПК „Куманово Холдинг“ АД Куманово, заработи кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Имено, пријавениот, во периодот од 31.05.2013 година до 11.11.2015 година, постапувајќи спротивно на одредбите од Законот за стечај без одобрение на стечајниот судија го ангажирал Ј.М. доверувајќи му ги клучевите од магацините во кои имало машинска опрема,резервни делови и готови производи од кожа.
Исто така, пријавениот самоволно ангажирал и договорил обезбедување, кој договор не го спровел и го евидентирал во деловната книга на стечајниот должник, врз основа на кој за тековната 2015 година за извршените услуги доспеале фактури со кои го задолжил стечајниот должник за сума од 3.220.039 денари.
На 30.06.2015 година, пријавениот забележал дека во магацините била украдена робата со што била причинета штета од 3.500.000 денари, за што пријавениот не извршил вонреден попис овозможувајќи му на Ј.М. да се стекне со противправна имотна корист, а причинувајќи му вкупна материјална штета на стечајниот должник во висина од 6.770.039 денари, стои во исвештајот на МВР.