Герт Вилдерс и неговата екстремно десничарска партија ПВВ, која победи на изборите во Холандија, се против влезот на нови членки во Европската унија, особено Украина, за која бараат укинување на помошта од ЕУ и сериозно размислуваат за референдум за излегувањето на Холандија од Унијата.
Медиумите и аналитичарите во ЕУ ги посочуваат овие факти со заклучокот дека доаѓањето на власт на Вилдерс, голем противник на имиграцијата, особено од исламските земји, и поборник за затворање граници и враќање на финансиските и други важни надлежности во Холандија od Унијата, значи дека ќе предизвика неизбежни потреси во самата ЕУ и несогласувања, пренесува Бета.
Затоа се проценува дека средбата на лидерите на Унијата во средината на декември ќе биде бурна затоа што ЕУ треба да одлучи и за започнување преговори за членство со Украина и Молдавија, што особено ги отфрлаат Унгарија и Словачка, кои, покрај тоа, бараат суспензија на воената и економската поддршка на Киев.
Европските претставници во Брисел со загриженост оценија дека доаѓањето на власт на партијата ПВВ во Холандија, која допрва треба да најде коалициски партнери за владата, само ќе ги оневозможи оние влади и институции на Унијата, кои се уште се обидуваат да се задржи мнозинството од населението против пристапувањето на нови земји, да се убеди дека тоа носи и користи за самата ЕУ.
Десничарите бараат укинување на еврото
Сè помоќните екстремно десничарски партии низ ЕУ ја поздравија победата на Вилдерс на изборите во Холандија, петтата по големина економија во ЕУ, како знак и порака до европските граѓани дека целата политика на Унијата треба да биде ориентирана кон потребите и барања на самите граѓани.
Според анализата, Вилдерс изненадувачки освоил најголем број пратеници во парламентот бидејќи, покрај запирање на масовната имиграција, инсистирал да се прекине растот на цените и трошоците за живот, наглото зголемување на кириите и цените на становите, што сето тоа предизвикало големо незадоволство кај граѓаните.
А пораката на потенцијалниот нов холандски премиер беше дека „Европската унија е институција која присвојува се повеќе овластувања, ги зграпчува парите на даночните обврзници и ни ги наметнува своите диктати“.
Тоа навистина им падна на увото на екстремно десничарските партии ширум ЕУ, кои бараат враќање на моќта од ниво на Унијата на националните институции, вклучително и укинување на еврото и повторно воведување на националните валути.
Вилдерс и лидерката на француската екстремна десница Марин Ле Пен се многу гласни за ова… додека се помоќната германска екстремно десничарска партија „АфД“ вели дека „јасно е дека цела Европа сака политичка пресврт“.
На плодна почва паѓаат и пораките на Вилдерс дека Холандија не може да продолжи да плаќа многу повеќе во буџетот на ЕУ од парите вратени во Холандија од европските каси.
Спорот околу поддршката за Украина
Ова се совпаѓа со острите критики на екстремната десница, но и на некои политички кругови поблиски до центарот во ЕУ, дека влезот на Украина, покрај тоа што е многу сиромашна земја во војна, би значело дека сите средства на ЕУ за земјоделството, а помошта за неразвиените подрачја едноставно би течела во Украина.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани дека ќе го блокира одлучувањето на самитот на Унијата во средината на декември, доколку Европските 27 итно не ја разгледаат ситуацијата и односите со Украина, која воено е заглавена во војна чиј крај и цели не се на повидок.
Вилдерс исто така наведува дека парите и воената опрема треба да бидат резервирани за сопствените вооружени сили на Холандија.
Италијанскиот премиер Џорџa Мелони ненамерно призна дека единството околу Украина во Унијата се распаѓа, велејќи дека сите се „многу уморни“ и дека „се приближува времето кога сите ќе разберат дека ни треба излез“ од војната со Русија.
Наизглед изненадувачки предупредувања доаѓаат и од либерално-демократските кругови, па угледниот германски аналитичар Волфганг Мунхау сугерира дека „во овој момент ЕУ не смее да ги прошири своите овластувања и да претендира да биде геополитички играч, што секако не е“.
На својот портал „Eurointelligence“ Мунхау посочува дека Унијата мора да се фокусира на она што може да го направи, а тоа е зајакнување на економско-монетарната унија и единствениот пазар.
„Понудата до Украина и Молдавија да започнат преговори за членство во ЕУ е нечесна… барем додека самата Унија не се согласи за длабоки реформи“, предупредува тој.