Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пристигна во посета на Венецуела во рамките на неговата турнеја во Латинска Америка, а во Каракас ќе се сретне со министерот за надворешни работи Иван Хил и со претседателот Николас Мадуро.
Лавров допатува во Венецуела од Куба, каде што се сретна со претседателот Мигел Дијаз-Канел Бермудез и со кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез, пренесува РИА Новости.
Како што соопшти руското МНР, во тие разговори било потврдено дека двете земји се фокусирани на целосно зајакнување на руско-кубанското стратешко партнерство.
„За време на разговорите беше изразен непроменетиот пристап на Русија и Куба во однос на категоричната недозволивост на употреба на еднострани нелегитимни ограничувања“, се наведува во соопштението.
Се додава дека руската страна ја потврдила континуираната поддршка на Хавана во нејзиното барање за целосно и итно укинување на американското ембарго и отстранување на Куба од списокот на американскиот Стејт департмент на држави спонзори на тероризмот.
Лавров ќе отпатува од Венецуела во Бразил на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Г-20, пренесува Танјуг.