Атлетскиот полигон во Соколана утре ќе биде домаќин на петтото издание на Атлетскиот митинг „11 Октомри“ кој традицонално се одржува по повод Денот на востанието.
Митингот е во организација на Атлетски клуб Куманово, а има меѓународен карактер. Како што информираат организаторите, се очекува да пристигнат две екипи од Бугарија и поголем број клубови од сите градови од Македонија.
– Имаме програма што е наменета за училиштата, станува збор за трки од петто одделение, шесто, седмо, осмо, деветто одделение, потоа имаме атлетска главна програма која ќе има дисциплини 60 метри, 400 метри, скок во далечина, скок во височина, фрлање ѓуле, рекреативна трка на 1.000 метри за оние кои не се атлетичари и традиционално знак на одбележување на овој митинг, фамилијарна штафета, три пати по 200 метри која се одржува само на овој наш атлетски митинг, изјави Филип Колевски, тренер на АК Куманово.
Од кумановските атлетичари, најмладите ќе настапат во рамките на школската програма, додека повозрасните ќе настапан на главната атлетска програма каде ќе се борат со останатите натпреварувачи од Македонија и Бугарија.
Организацијата е помогната од Општинскиот сојуз на спортови, а се очекува голем интерес за учество, како и во изминатите неколку години.