Писториус: Рано за обвинувањата дека Украина е одговорна за нападот на Северен тек

Сподели со своите пријатели

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска предупреди дека обвинувањата дека Украина стои зад експлозиите на гасоводот „Северен тек“ се „предвремени“, пренесува Ројтерс.

Loading...

Тој ова го изјави за време на неговиот престој во Стокхолм, каде што се состануваат министрите за одбрана на ЕУ, и по објавувањето на Њујорк тајмс, во кој се цитирани американски разузнавачи, дека веројатно проукраинските групи се одговорни за минатогодишната саботажа.

Можеби тоа беше и операција со лажно знаме организирана со цел да се обвини Украина, што е опција која исто така се споменува во извештаите на медиумите.

Веројатноста за едното или за другото е подеднакво голема, изјави Писториус за германското радио „Дојчландфунк“.

„Њујорк тајмс“ вчера објави дека новите разузнавачки информации, разгледани од американски официјални лица, сугерираат дека проукраинската група, составена од руски или украински државјани, го извршила нападот на гасоводот „Северен тек“ минатата година, но дека нема цврста докази за поддршка на таквите заклучоци.

Њујоршкиот весник, исто така, наведува, повикувајќи се на разузнавачки извори, дека не се пронајдени докази дека претседателот Володимир Зеленски или највисоките украински воени офицери биле вклучени во операцијата, ниту дека сторителите дејствувале по налог на некој украински владин претставник.

САД и НАТО ги нарекоа нападите на гасоводи во септември 2022 година како чин на саботажа, додека Москва го обвини Западот и го повика Советот за безбедност на ОН да спроведе независна истрага, но ниту една страна не обезбеди докази, пренесува Танјуг.