Осмото издание на традиционалната трка „Born 2 Run – Спортот нѐ поврзува“ ќе се одржи в сабота, 31 октомври, со старт на градскиот плоштад „Нова Југославија“ во Куманово, со почеток во 12 часот.
Учесниците ќе имаат можност да се натпреваруваат на две патеки, односно на трките на 3 и 10 километри. Програмата ќе започне во 10 часот со регистрација на учесниците, подигнување на стартните броеви и низа придружни активности.
Предвидени се промотивни активности на Младинскиот центар „MultiКулти“, демонстрации на Територијалната противпожарна единица – Куманово и на Црвениот крст – Куманово, како и музика и заедничко загревање на учесниците.
Официјалното отворање и поздравните обраќања се закажани за периодот од 11:45 до 12 часот, по што ќе следува стартот на двете трки.
Во 14 часот се предвидени завршните обраќања, прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите.
Настанот го организира Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД) од Куманово, во соработка со Општина Куманово, со цел преку спортот да ги поврзе луѓето од различни заедници и да промовира здрави животни навики, меѓусебна доверба, соживот и заедништво.
Организаторите информираат дека за време на одржувањето на трката ќе има привремено ограничување на сообраќајот на делови од улиците „Гоце Делчев“, „III МУБ“, „Железничка“, „Октомвриска револуција“ и „Доне Божинов“.
Се повикуваат граѓаните да ја почитуваат привремената сообраќајна регулација и да покажат разбирање, со цел безбедно и непречено одвивање на настанот.
Никола Ивановски

