Петмина Палестинци загинаа во судир со израелските сили во областа Тулкарм на северот на Западниот Брег, изјави денеска директорот на локалната болница.
Судирите избија за време на израелската воена операција во градот Тулкарм и тамошната бегалска населба, изјави за агенцијата Франс прес Амин Кадер, директор на болницата Табет.
Очевидци изјавија дека таму биле стационирани бројни израелски сили во операција за апсење, како што наведоа, млади луѓе.
Израелската армија потврди за Франс прес дека спроведува операција во областа, но не ја соопшти причината или бројот на жртвите.
Во четвртокот, палестинското Министерство за здравство соопшти дека 14 лица биле убиени тој ден за време на судирите во Џенин, исто така на северниот дел на Западниот Брег.
Тоа беше најсмртоносниот ден на територијата од 2005 година, кога ОН почнаа да го бележат бројот на жртвите на израелските упади.
За израелската армија, овие операции се, како што наведува, одговор на значително зголемување на терористичките напади на Западниот Брег, окупирани од 1967 година, од почетокот на војната меѓу Израел и исламскиот екстремистички Хамас во Појасот Газа во октомври. Оттогаш, забележани се повеќе од 550 обиди за напади.
Од почетокот на војната предизвикана од ненадејните напади на Хамс врз Израел, околу 180 Палестинци се убиени на Западниот Брег од оган од израелски војници или еврејски доселеници, според тамошното Министерство за здравство.