Перу: Поранешниот претседател ослободен од затвор по 16 години

Сподели со своите пријатели

Поранешниот перуански претседател Алберто Фуџимори (1990-2000), според одлуката на Уставниот суд, беше ослободен од затвор, каде одлежа 25-годишна затворска казна за злосторства против човештвото.

Loading...

Телевизиските снимки покажаа дека 85-годишниот поранешен претседател го напушта затворот Барбадило, во близина на главниот град Лима, во средата навечер по локално време.

Во вторникот Уставниот суд го потврди помилувањето од хуманитарни причини на поранешниот шеф на државата во 2017 година.

Фуџимори (85) боледува од респираторни и невролошки проблеми, а неговите лекари наведуваат дека има чир на желудникот, висок крвен притисок и рак на јазикот.

Меѓуамериканскиот суд за човекови права претходно неуспешно ги повика перуанските власти да не ја спроведуваат одлуката за амнестија.

Фуџимори во 2009 година беше осуден на 25 години затвор за сериозно кршење на човековите права, бидејќи наредил колење на 25 лица, меѓу кои и едно дете, извршено во 1991 и 1992 година од страна на таен одред на смртта во борбата против маоистичкото движење Сендеро луминозо (Сјајни патеки).

„Железна рака“ и корупциски скандали

Во претседателскиот мандат од 1990 до 2000 година, Фуџимори ја зајакна економијата на Перу со ултра-либерални политики и успешно водеше војна против герилските движења Сендеро луминозо и револуционерното движење Тупак Амару (со чегаваристичка ориентација).

Но, тој владееше со железна рака, по што следеа корупциски скандали, пренесува dpa.

Loading...

Десетици илјади домородни жени беа насилно стерилизирани по негова наредба, со цел да се намали бројот на деца, бидејќи високиот наталитет беше сфатен како пречка за развојот.

Фуџимори шокантно победи на изборите против својот противкандидат, писателот Марио Варгас-Ллоса во 1990 година, а пет години подоцна повторно го победи својот тогашен противник, поранешниот генерален секретар на Обединетите нации Хавиер Перез де Куелар, пренесува Ројтерс.

Две години подоцна, тој испрати тенкови на улиците и го затвори Конгресот, тврдејќи дека пратениците ги блокираат неговите напори за стабилизирање на земјата.

Во 1997 година, Фуџимори беше пофален за ослободувањето на 71 заложник кои беа држени во Лима 100 дена.

Во затвор се уште двајца поранешни претседатели

Конгресот му изгласа недоверба кога снимките покажаа дека неговиот шеф на разузнавањето поткупува пратеник.

Тогаш претседателот на Перу, син на јапонски имигранти, побегнал во Јапонија, но во 2005 година пристигнал во Чиле, кој го екстрадирал во Перу.

„Тој ги исмева семејствата на жртвите… и сега го напушта затворот како ништо да не се случило“, изјави за АФП Гледис Рубина, сестра на една од жртвите на масакрот за кој Фуџимори беше осуден.

Фуџимори има четири деца, а неговата ќерка Кеико Фуџимори три пати неуспешно се кандидираше за претседател.

Loading...

Со ослободувањето на Фуџимори, уште двајца поранешни претседатели остануваат во перуанскиот затвор: Алехандро Толедо, кој беше обвинет за корупција и Педро Кастиљо, кој минатата година се обиде незаконски да го распушти Конгресот.