Папата Франциско изрази надеж дека Израел и палестинската група Хамас ќе го почитуваат договорот за прекин на огнот во Појасот Газа.
– Се надевам дека страните веднаш ќе го испочитуваат договореното и дека сите заложници конечно ќе се вратат дома и ќе ги прегрнат своите најблиски – рече папата.
Папата Франциско им се заблагодари на посредниците за прекин на огнот и на сите страни вклучени во постигнувањето на овој важен резултат.
Тој рече дека се надева дека хуманитарната помош за спасување на животите ќе стигне до жителите на Газа „уште побрзо и во големи количини“.
Договорот за прекин на огнот во Појасот Газа, кој стапи на сила денеска, предвидува Израел да ослободи речиси 2.000 палестински затвореници во замена за 33 израелски заложници кои ги држеше Хамас.
Бригадите Ал-Касам, военото крило на Хамас, најавија дека ќе ослободат тројца израелски заложници на првиот ден од прекинот на огнот.
Израел и Хамас, со посредство на Катар, Египет и САД, на 15 јануари се договорија за 42-дневен прекин на огнот во Газа и враќање на заложниците.
Двете страни рекоа дека имаат намера конечно да ги прекинат непријателствата кои траат повеќе од 15 месеци и се проширија во Либан и Јемен.
Првата фаза предвидува делумна размена на затвореници, повлекување на израелските војници до границите на Газа и доставување хуманитарна помош. Втората и третата фаза допрва треба да се договорат.