Сите јавни установи, здруженија, фондации и други правни лица кои имаат регистрирана дејност од областа на културата можат да аплицираат на јавниот повик за прибирање на податоци и предлог-проекти објавен од oдделението за култура и спорт на 26-ти месецов. Повикот е објавен на веб страната на општина Куманово и ќе трае 30 дена, информира раководителот на одделението за култура и спорт Александар Крстевски.
-Сите заинтересирани треба да ги исполнат следниве услови: да се регистрирани како јавна установа, здружение на граѓани, фондација и други правни лица кои имаат регистрирана дејност од областа на културата, согласно законот и истите да се со седиште на територија на Општина Куманово како матична општина, да придонесуваат за збогатување на културниот живот, зачувување и афирмирање на материјалното и духовното културно наследство, да го поттикнуваат и афирмираат локалното творештво на локалните уметници, да се грижат за унапредување на соживотот меѓу заедниците, да обезбедат континуитет на традиционалните културно- уметнички манифестации кои се од локален карактер. Подносителите на барања потребно е да достават барање со основни информации за подносителот, краток опис на организацијата, предлог-проект за конкретна манифестација, опис на активностите кои ќе се преземат и придонесот од наведената манифестација, потребен буџет како и опис на потребите од буџетот и доказ за регистрација за вршење на дејност од областа на културата со седиште на територија на Општина Куманово (тековна состојба од Централен регистар), изјави Крстевски.
Барањата со целокупната документација се доставуваат во писмена форма во општинската архива со назнака „До oпштина Куманово, oдделение за култура и спорт, за jавен повик од областа на културата“. Барањата кои ги исполнуваат условите, а кои ќе бидат од најголем интерес за развој и унапредување на културата во градот, ќе бидат дел од Програмата за културни манифестации за 2023 година.
Надлежните очекуваат се поголем број на млади здруженија и организации да пројават интерес за повикот, но секако и организациите кои веќе традиционално организираат културни манифестации во општина Куманово.
Минатата година за културни манифестации локалната самоуправа одвои околу седум милиони денари, а 69 организации конкурирале со свои предлог-проекти од областа на културата.