Општа болница Куманово вработува уште 23 специјализанти

Сподели со своите пријатели

Кадровското екипирање на Општа болница Куманово продолжува со нови 23 вработувања на приватни специјализанти, кои ќе бидат распоредени во 12 медицински специјалности.

Постапката за нивно вработување веќе е започната, информира директорот на болницата, Сашо Стошевски.

Станува збор за втора фаза од проектот за вработување на 600 приватни специјализанти.

Во првата фаза, во кумановската болница беа вработени 27 лекари, а со новите 23, вкупниот број ќе достигне 50.

Најголем број од предвидените вработувања се во областа на неврологијата, за која се планирани шест лекари, потоа интерната медицина со четири и пулмологијата и алергологијата со три специјализанти.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Ѓорѓиевска: Куманово е наше наследство, наша одговорност, наша иднина

Дополнително, ќе бидат вработени двајца специјализанти по гастроентерохепатологија, како и по еден лекар во областите гинекологија и акушерство, дерматовенерологија, кардиологија, ортопедија, психијатрија, физикална и рехабилитациона медицина, медицинска биохемија и радиодијагностика.

Со оваа фаза, Општа болница Куманово продолжува со проширување на медицинскиот кадар во повеќе специјалности.

Никола Ивановски