Со пораки за заедништво, почитување на различностите и одговорност кон идниот развој на градот, претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, се обрати на денешната свечена седница по повод 11 Ноември – Денот на ослободувањето на Куманово.
Во своето обраќање, Ѓорѓиевска нагласи дека Куманово е заеднички дом на сите негови жители, без разлика на нивната етничка и културна припадност, а токму соживотот и меѓусебната почит се дел од препознатливиот идентитет на градот.
„Слушнавме обраќање на ромски, српски, албански јазик од моите колеги советници и мора да кажам дека јазикот ни е различен, но идејата иста. Сите нас нè поврзува Куманово, ова место е наша заедничка мајковина, дедовина. Сите со срце го сакаме, понекогаш со право критикуваме, но мора да го почитуваме“, истакна Ѓорѓиевска.
Таа посочи дека вистинската љубов кон градот не подразбира верување дека тој е совршен, туку подготвеност секојдневно да се работи на негово подобрување.
„Куманово е град со историја, со дух, со луѓе кои знаат да се борат, да истраат и да создаваат. А вистинската љубов кон градот не значи да веруваме дека е совршен, туку да бидеме подготвени да го направиме подобар. Бидејќи градот не го создаваат само зградите, улиците и институциите. Градот го создаваат луѓето – нивните вредности, нивната работа и нивните заложби“, рече претседателката на Советот.
Осврнувајќи се на работата на Советот, Ѓорѓиевска нагласи дека јавната функција не е привилегија, туку голема одговорност, која се потврдува преку донесените одлуки и решенијата што им го подобруваат животот на граѓаните.

Таа посочи дека различните политички ставови не треба да бидат пречка за соработка, бидејќи интересите на граѓаните мора да бидат над политичките разлики.
„Вистинската мерка за секоја јавна функција е колку добро сме им служеле на граѓаните. А тоа е најтешка задача, едни ќе фалат, други ќе критикуваат, но од нас зависи дали имаме храброст да ги препознаеме слабостите, да не ги премолчуваме проблемите, да не се задоволуваме со ветувања тогаш кога граѓаните очекуваат решенија“, нагласи Ѓорѓиевска.
Како еден од своите приоритети ја посочи постојаната комуникација со граѓаните, нагласувајќи дека зад секое барање стои човек, а зад секој проблем семејство. Воедно, истакна дека за развојот на Куманово е неопходна соработка на сите нивоа на власт.
Посебен акцент во говорот стави на младите, нивната енергија и идеи, потенцирајќи дека иднината на градот се создава со конкретни постапки уште денес.
„Иднината не е нешто што треба да се чека, туку нешто што се создава и тоа не утре, туку денес“, порача Ѓорѓиевска.
Таа ја истакна и важноста на мултиетничкиот соживот, оценувајќи дека почитувањето на различните традиции, јазици и култури е едно од најголемите богатства на Куманово.
„Најголемата вредност на нашиот град е почитувањето на различностите и чувството дека можеме да припаѓаме на иста заедница, а притоа да си ги негуваме сопствените традиции, јазици и култури. Тоа е богатство, бидејќи вистинската сила на Куманово е во луѓето – во нивната различност, но и во способноста да соработуваат за подобар живот“, истакна таа.
Осврнувајќи се на историското наследство, Ѓорѓиевска порача дека почитта кон паднатите борци и нивната жртва мора да биде трајна обврска на сегашните генерации.
„Наше свето право и долг е да ја почитуваме нивната жртва, бидејќи нивните семејства се завиле во црно, за да нашите ја дишат слободата“, рече Ѓорѓиевска, повикувајќи на заедничка посветеност за изградба на град со подобри услови за живот, повеќе можности за младите, грижа за семејствата и еднакви можности за сите.
На крајот, таа порача дека со заедничка работа, разум, срце и конкретни дела Куманово може да стане похуман, поубав и позелен град.
„Куманово е наше наследство. Наша одговорност. Наша иднина“, порача претседателката на Советот, честитајќи им го празникот на сите кумановци.

