Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои првата глобална резолуција за вештачка интелигенција за поттикнување на заштитата на личните податоци, надзорот на вештачката интелигенција и заштитата на човековите права, соопштија американските власти.
За необврзувачката резолуција, која беше предложена од Соединетите Американски Држави и поддржана од 122 други земји, се преговараше три месеци и предвидува зајакнување на приватноста, изјавија официјални лица на брифинг со новинарите пред усвојувањето на резолуцијата.
„Ние пловиме во турбулентни води со технологија која брзо се менува, што значи дека е поважно од кога било да се владее во светлината на нашите вредности“, рече еден висок претставник на американската администрација, опишувајќи ја резолуцијата како „првиот документ за вештачка интелигенција за вистински глобален консензус“, пренесува Ројтерс
Резолуцијата е последна во серијата иницијативи на владите ширум светот за да го обликуваат развојот на вештачката интелигенција поради стравувањата дека таа би можела да се искористи за да се нарушат демократските процеси, да се изврши измама или да доведе до драматично губење на работни места.
Заштита на човековите права
„Несоодветното или злонамерно дизајнирање, развој, имплементација и употреба на системи за вештачка интелигенција претставуваат ризици кои можат да ја поткопаат заштитата, промоцијата и уживањето на човековите права и основните слободи“, се наведува во резолуцијата.
На прашањето дали преговарачите се соочиле со отпор од Русија или Кина, кои исто така гласаа за резолуцијата, официјалните лица признаа дека имало „многу живи дискусии“.
„Сепак, ние активно соработувавме со Кина, Русија, Куба и други земји кои често не се согласуваат со нас“, велат тие.
„Ние веруваме дека резолуцијата воспоставува соодветна рамнотежа помеѓу промовирањето на развојот и продолжувањето на заштитата на човековите права“, рече анонимно еден од официјалните лица.