Ова Спасовски го истакна на средбата со експерти од полициите на земјите од т.н. Вишеградска група – Словачка, Чешка, Полска и Унгарија, како и експерти од Словенија и Србија, кои се во скрининг посета на МВР, а во рамки на проектот за поддршка на земјава во справувањето со мигрантската криза.
Свесни за состојбата која постојано се заканува да ескалира, побаравме помош од пријателите на Македонија. МВР врз основа на билатералните договори за полициска соработка упати барање за помош до повеќе држави, меѓу кои Австрија, Чешка, Хрватска, Словачка, Полска, Србија, Унгарија, Словенија, барајќи поддршка и помош за организирање заеднички операции за засилен надзор на јужната граница. Досегашната соработка резултираше со откривање на 858 мигранти кои користеа лажни или фалсификувани документи за да остварат влез во земјава, рече денеска техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Како што велат од МВР, главна цел на самата посета, односно мисија, е утврдување на правната рамка за спроведување на проектот, увид во тековната состојба и проценка на потребите.
Република Македонија, поради својата географска положба се наоѓа во сосема незавидна ситуација предизвикана од незапирливиот бран на бегалци и мигранти кои доаѓаат на нашата јужна граница. Во текот на минатата година, транзит низ Република Македонија остварија преку 720 илјади луѓе, истакна меѓу другото министерот Спасовски посакувајќи им добредојде во свое и во име на МВР на експертите од посочените земји.
Исто така експертите имале средба и со државниот секретар при МВР, Анастасија Илиеска, а во текот на денешниот ден, тие ќе го посетат Прифатниот центар за мигранти во Гевгелија каде е предвидена дискусија со експертите и евалуација на ситуацијата на теренот.
Директорите на полициите на Македонија, Австрија, Србија, Хрватска и на Словенија вчера на состанок во Скопје се договорија за донесување документ за стандардизирана регистрација на мигрантите, со биометриски податоци и со точно утврдени критериуми што тие треба да ги исполнат за да можат да транзитираат низ земјите од т.н. западно-балканска рута до државите од Европската унија во кои имаат намера да бараат азил.
Мигрантите што немаат пасоши, приложуваат лажни документи или, пак, даваат лажен идентитет нема да им биде дозволен влез и транзит низ западно-балканската рута.