Приближно 80 земји и меѓународни организации се состануваат денеска во Париз за да го координираат испраќањето помош и да проценат како да им се помогне на ранетите во палестинската енклава Газа, но доколку не дојде до прекин на борбите, не се очекуваат конкретни резултати.
Франција му понуди поддршка на Израел по смртоносниот напад на палестинската исламистичка група Хамас на 7 октомври, но одмаздничките бомбардирања на Израел предизвикаа загриженост поради големиот пораст на цивилните жртви.
Илјадници луѓе во Газа се убиени, ранети или раселени.
„Не е тајна дека денес во Газа пристапот до основните потреби, лекови, вода и така натаму е тежок… Затоа, целта е всушност да се соработува со сите учесници, а исто така и со Израел… да се овозможи подобрен пристап“ рече француски претседателски функционер за новинарите пред прес-конференцијата.
Ќе присуствува палестинскиот премиер Мохамад Штаје, но Израел не е поканет.
Француските власти соопштија дека го информираат Тел Авив за развојот на настаните.
Конференцијата ги обединува регионалните актери како Египет, Јордан и арапските земји од Персискиот залив, како и западните земји и членки на групата Г20, со исклучок на Русија.
На настанот ќе присуствуваат и меѓународни институции и невладини организации кои работат во Газа, како што се Лекари без граници.
Но, ќе дојдат само неколку шефови на држави или министри, а невладините се жалат на недоволен притисок што може да го изврши конференцијата за да се постигне прекин на огнот.
„Тоа ќе биде вежба за повторување на националните позиции, наведувајќи што секоја земја дала и ќе даде, дека цивилите мора да бидат заштитени и меѓународното хуманитарно право да се почитува“, рече еден европски дипломат.
Француските власти се надеваат дека конференцијата ќе послужи како основа за брз одговор од меѓународната заедница штом борбите навистина ќе престанат.
Ќе се разговара за обновувањето на снабдувањето со вода, гориво и електрична енергија и да се осигура дека помошта нема да заврши во рацете на Хамас.
Исто така, ќе се разговара за формирање поморски коридор за доставување хуманитарна помош во Газа по морски пат и начините на кои бродовите би можеле да се користат за евакуација на повредените.
Сепак, без подготвеноста на Израел или Хамас да ги прекинат борбите, има мали изгледи за брз напредок.