НУ Музеј Куманово доби награда на интернационалниот фестивал „КАМЕРА 300“

Сподели со своите пријатели

Специјална плакета за трајни вредности доби документарниот филм „Неколку цркви од кумановско со царски двери во резба“, на авторот Валентина Андреиќ, виш кустос историчар на уметност во НУ Музеј – Куманово, на 30-тото, јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на аматерскиот документарен филм „КАМЕРА 300“ кој се одржува во Битола, информираа денеска од музејот.

-Документарниот филм ги обработува црквите Света Богородица во Пчиња, Свети Никола во Винце, Свети Илија во Живење, Свети Никола во К’шање и Свети Атанасиј во Кокошиње. Овие цркви од кумановско се од 19 век. Дел од нив се изградени на постари цркви од 16-тиот век. Во филмот опфатена е архитектурата, дверите, работата на познатите македонски зографи, изјави авторката Андреиќ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Куманово домаќин на Суперкупот во кошарка и Купот на Македонија во 2027 и 2028 година (ВИДЕО)

Фестивалот се одржа на 28-ми и 29 октомври годинава, а учествувале 40 документарни филма од единаесет држави од Европа (Велика Британија, Турција, Бугарија, Словенија …) и еден филм од Америка. Фестивалот се одржува во рамки на програмата на градот Битола по повод 4 ноември, денот на ослободувањето на градот. Инаку, овој фестивал е исклучиво за културни цели и како таков ја негува традицијата и културните вредности на народите.

Документарниот филм „Неколку цркви од Кумановско со царски двери во резба“ е проект поддржан од Министерството за култура на РС Македонија за 2022 година. Документарниот филм е изработен во соработка со Телевизија Плус од Куманово.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Делови од Куманово и околните села утре без струја

МИА