Ученици од гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово развиваат SmartSpenders, дигитално решение чија цел е да им помогне на младите да ја развијат финансиската писменост и да го направат инвестирањето подостапно.
SmartSpenders функционира преку автоматско заокружување на секое плаќање со картичка, при што разликата се пренасочува во инвестициски фонд. На тој начин, од секојдневните мали суми постепено се создава капитал кој може да се искористи за инвестирање во перспективни стартап-компании.
Она што ја издвојува идејата е интегрираниот AI асистент, преку кој корисниците ќе можат да поставуваат прашања, да добиваат насоки за управување со своите средства и да стекнуваат знаења за светот на инвестициите. Пристапот до асистентот ќе биде достапен преку месечна претплата, со првиот месец бесплатен.
Идејата е насочена кон младите на возраст од 18 до 30 години, кои често сметаат дека инвестирањето бара голем почетен капитал и посебни познанства.
SmartSpenders има за цел да ја промени таа перцепција и да им овозможи на младите да станат активни инвеститори, но и поддржувачи на нови претприемачки идеи.
Зад SmartSpenders стојат Милан Цаневски, Андреа Серафимовиќ, Ана Михајловска и Марко Стојмановски, ученици од гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, кои со својата идеја учествуваат во натпреварот „Средношколец милионер“.
Тие испраќаат порака дека иновативните решенија не мора да започнуваат со големи финансиски средства, туку со добра идеја, знаење и желба за промена.
На тимот му е потребна поддршка од граѓаните, кои можат да помогнат со гласање за SmartSpenders на натпреварот.
Можете да им пружите поддршка со гласање ТУКА.
Никола Ивановски

