Калифорниската компанија OpenAI претстави нова алатка „Voice Engine“ која може да клонира секој човечки глас доколку се достапни само 15 секунди од вистинскиот глас на таа личност.
Според компанијата, „Voice Engine“ првпат бил развиен во 2022 година и неговата првична верзија била искористена за претворање на текст во говор за потребите на моделот за вештачка интелигенција ChatGPT.
На веб-страницата на компанијата се објавени неколку аудио примери на вистинскиот човечки глас и неговите синтетички копии генерирани од вештачката интелигенција.
Компанијата објави дека оваа моќна технологија засега нема да биде јавно достапна поради можни опасности и злоупотреби.
– „Voice Engine“ е резултат на нашите напори да ги знаеме границите на технолошкиот развој и да ги споделиме можностите на вештачката интелигенција со јавноста – се вели во соопштението на компанијата.
Од компанијата велат дека со нетрпение очекуваат дискусии за предизвиците и можностите на новата технологија за клонирање глас.
„Важно е луѓето ширум светот да разберат каде води оваа технологија, без разлика дали ние самите ја применуваме или не“, заклучува OpenAI.