Нов пожар избувна доцна синоќа во округот Вентура во Јужна Калифорнија, што предизвика брза реакција од локалните противпожарни служби.
Противпожарната служба на округот Вентура соопшти дека пожарот во Окснард се проширил на пет хектари и дека во гаснењето се вклучени 75 пожарникари, пренесе Си-Ен-Ен.
Издадени се наредби за евакуација на областа, велат пожарникарите.
Лос Анџелес би можел да доживее прекин на струја повеќе од 48 часа поради безбедносни причини бидејќи денеска и утре се очекуваат силни ветрови кои би можеле да придонесат за ширење на пожарите.
Истрагите за причините за пожарите во областа Лос Анџелес и округот Вентура се во тек.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, во понеделникот издаде извршна наредба за забрзување на напорите за опоравување по шумските пожари во округот Лос Анџелес.
Најмалку 24 лица загинаа, а десетици се водат како исчезнати во пожарите во областа Лос Анџелес.
Наредбата за задолжителна евакуација останува во сила за 92.000 луѓе, а уште 89.000 жители се под предупредување за евакуација.
Пожарот во Палисадес, кој избувна на 7 јануари, уништи околу 5.000 објекти и 14 отсто беше локализиран, објави телевизијата ABC.
Пожарот во Итон, кој исто така започна на 7 јануари, уништи или оштети околу 7.000 објекти, а 33 отсто од пожарот беа изгаснати.
Во гаснењето на пожарот учествуваат повеќе од 15.000 луѓе и 1.900 противпожарни возила.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сака да отпатува во Лос Анџелес по неговата инаугурација на 20 јануари, изјавија три извори за Си-Би-Ес.
Еден извор рече дека тоа би можело да се случи веќе следната недела.