Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја предупреди Саудиска Арабија на опасноста од обновување на дипломатските односи со Иран по договорот постигнат со посредство на Кина во март.
„Оние кои се сојузници со Иран се сојузници со мизеријата. Погледнете ги Либан, Јемен, погледнете во Сирија, погледнете во Ирак. Деведесет и пет отсто од проблемите на Блискиот Исток потекнуваат од Иран“, рече Нетанјаху синоќа во интервју за Американски ТВ канал CNBC.
Израелскиот лидер ги даде коментарите по повторното воспоставување на дипломатските односи меѓу Ријад и Техеран според договорот за кој експертите велат дека е удар за планот на Нетанјаху да го изолира Иран во регионот и напорите за нормализирање на односите со Саудиска Арабија.
Нетанјаху се обиде да се погрижи одлуката на Саудиска Арабија да не се гледа како пречка за амбициите на Израел.
„Мислам дека тоа веројатно има повеќе врска со желбата да се деескалира, па дури и да се стави крај на долгорочниот конфликт во Јемен. Мислам дека Саудиска Арабија, тамошното раководство, нема илузии за тоа кои се нивните пријатели, а кои се нивните непријатели. “, рече премиерот на Израел.
Улогата на Кина во обновата на врските меѓу Ријад и Техеран следи по обидите да помогне во решавањето на војната во Украина и објави дека земјата би сакала да помогне да се стави крај на израелско-палестинскиот конфликт.
Во врска со гласините за амбициите на Кина да помогне во решавањето на деценискиот конфликт, Нетанјаху рече дека не бил информиран за тоа од Пекинг.
„Не знам за некоја конкретна понуда од таков вид“, рече Нетанјаху, додавајќи дека Израел ја почитува Кина и многу соработува со неа, но исто така знае дека сојузот со неговиот голем пријател САД е клучен.
Благодарение на посредништвото на администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Израел воспостави односи со саудиските сојузници Бахреин и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во септември 2020 година врз основа на таканаречениот Аврамски договор.
Судан и Мароко, исто така, ги нормализираа односите со Израел врз основа на тие договори, според CNBC.
Саудиска Арабија, која дели заедничка загриженост со еврејската држава за напредокот на иранската нуклеарна програма и финансирањето на Блискиот Исток, досега го избегнуваше тоа.
„Многу би сакале да имаме мир со Саудиска Арабија, бидејќи мислам дека тоа би бил голем скок за мирот. На многу начини, тоа ќе стави крај на арапско-израелскиот конфликт“, рече Нетанјаху, оценувајќи дека тоа ќе го отвори патот за дипломатијата со Палестинците и дека би сакал целосно да го прошири кругот на мирот.
Иран и Саудиска Арабија ги вратија дипломатските односи во време кога Нетанјаху се соочи со тензии во земјата поради контроверзниот план за судски реформи и неодамнешните напади врз цели во Либан од страна на палестинскиот Хамас, организацијата која владее со Појасот Газа и е присутна на либанска територија.
САД и Израел го сметаат Хамас за терористичка организација, а тој има поддршка од Иран.
На нападите врз цели на Хамас им претходеше канонада оган врз Израел од јужен Либан, а пред тоа израелските полицајци се судрија со палестинските верници во џамијата Ал Акса во Ерусалим за време на муслиманскиот пост Рамазан.
Тој инцидент беше осуден во странство и во Саудиска Арабија.