„Не можам да платам, не сакам да платам“ – нова претстава на Театар Куманово

Сподели со своите пријатели

„Не можам да платам, не сакам да платам“ е нова претстава на Театар Куманово која премиерно ќе биде изведена во петок во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од 20 часот.

Loading...

Претставата е работена по текстот на Дарио Фо, а во режија на Владимир Николовски, за кого ова е прва претстава.

– Работам со една прекрасна екипа и ова е прекрасна шанса да се почне една нова кариера на еден млад режисер. Претставата е многу актуелна, напишана е во ’72 година, но актуелна е и ден денес бидејќи инфлацијата, кризата, се што го снаоѓа еден народ, се уште го снаоѓа, истите проблеми што ги имало тогаш ги има и сега, работите се скапи, платите ниски, сите се бориме со тоа. Ликовите во претставата наоѓаат начин како да се борат со тоа, со една револуција која ја креваат жените, изјави Николовски.

 

 

Во претставата играат Марко Трајковиќ, Александра Михајловска Величковски, Давид Илиќ, Владанка Крстевски и Жарко Јовановиќ.

Како што истакна актерот Јовановиќ, станува збор за актуелен текст, оти истите работи се случуваат и сега кај нас.

Loading...

– Целата таа социјална разлика која ја има, во однос на тоа колку еден човек заработува, колку може да си приушти и тука гледаме дека излегуваат милион апсурди со самата таа разлика. Таков е и текстот, апсурд има во сите сцени. Дали и кај нас фали една таква револуција, тоа треба да видиме и ние, гледачите да видат дали претставата нешто ќе потикне во нив, да излезат како тие жени и нешто да направат, вели актерот.

 

 

Актерката Александра Михајловска Величковски вели дека текстот е интересен за работа и се надева дека тоа ќе го препознае и публиката.

– Се случува хаос во еден супермаркет и една група на жени решава дека прескапите цени на производите се преголеми за нивните примања и решаваат дека нема да плаќаат веќе, земаат производи од супермаркетот и тоа прави еден хаос во градот во кој живеат. Сето тоа е доста комично, игриво и лесно раскажано, иако се отвараат многу теми и прашања, рече таа.

 

Loading...

 

Според актерката Владанка Крстевски, социјалните проблеми се неминовни во секое општество, па текстот е лесен за работа.

– Сите уживавме во сцените и во давањето на еден нов живот на текстот. Соработката со Владимир беше одлична, секогаш е убаво кога се работи со млади луѓе, секогаш има нов ентузијазам и нова желба. Ние сме една генерација што навистина сака да соработува со сите и ќе продолжиме тоа да го работиме во иднина и се надевам дека ќе биде инспирација и за други млади режисери да создаваат, рече Крстевски.

 

 

Актерот Марко Трајковиќ, вели дека станува збор за преубава социјална комедија која убаво ќе ја изведат пред кумановската публика.

– Претставата првин беше предвидена за Денови на комедија, се решивме да ја поместиме понапред, ќе ги почестиме кумановци со две комедии годинава. Претставата се занимава со навидум нормални луѓе во обични околности. Ги гледаме како од обични луѓе во нормални околности ги претвараат во ненормални луѓе во необични околности. Текстот е актуелен и по 50 години од пишувањето, социјални проблеми имаме и ние. Не мислам дека ќе дојдат кумановци да ја проследат претставата и да тргнат во грабеж на супермаркети, ама мислам дека убаво ќе се насмеат, вели тој.

Loading...

 

 

Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски вели дека е горд на фактот што ова е прва институционална претстава на Владимир Николовски во улога на режисер.

– Тој е еден од ретките режисери со кои сме соработувале, да нема некои посебни барања, дојде и го направи процесот. Сигурни сме дека во петок ќе имаме одлична претстава и првата реприза во сабота, изјави Тодоровски.

 

Loading...

 

Инаку, претставата е финансирана од годишната програма на Министерството за култура, втора од вкупно четири за колку се предвидени средства.

Никола Ивановски