Капетанот (63) е убиен во напад на руската армија на брод што превезувал сончогледово масло, соопшти прес-службата на регионалното обвинителство во Одеса.
„Напад на руски млазен дрон резултираше со пожар на бродот. Екипажот беше евакуиран од украинската морнарица, а пожарот беше изгаснат. Загина капетанот на бродот – овој пат, во рускиот напад загина украински морнар”, соопшти Украинската поморска управа, пренесува Униан.
Според податоците на државното претпријатие „Управа на поморските пристаништа на Украина“, Русија нападнала цивилен брод во Црното Море ноќта на 23 септември.
Мета на Русите беше товарен брод со 16 цивилни морнари, кој пловел под знамето на Антигва и Барбуда.
Според командантот на специјалните сили за воздушна одбрана на Одеса, Олег Кипер, покрај комерцијален товарен брод, руските сили двапати по ред нападнале магацини со лекови, предмети за домаќинството и храна.
Гаснењето на пожарот траело неколку часа.
Прес-службата на Главната управа на Државната служба за вонредни состојби во регионот Одеса додаде дека ударот предизвикал пожар од големи размери во магацините, чие гаснење било отежнато поради повеќекратните предупредувања за опасност од воздух, карактеристиките на зградата и големата количина стока што била складирана таму.
Поради повеќекратните руски напади врз Одеса, пожарникарите од областа Николаев се вклучија во напорите за гаснење на пожарот.
Вкупно ангажирани се повеќе од 70 пожарникари од Државната служба за вонредни состојби.
Покрај тоа, трговски центар во областа Одеса беше опожарен по нападот утринава. Спасувачите пристигнаа на местото на настанот.
Над 60 пожарникари од Одеса и областа Николаев беа ангажирани да го изгаснат пожарот.

