Научниците денеска објавија дека „историските“ пожари што го зафатија Лос Анџелес, во кои загинаа најмалку пет лица, најверојатно се предизвикани од ветер и климатски промени.
Се известува дека пожарите не се предизвикани од ветровите на Санта Ана, карактеристични за тој дел на Калифорнија, туку од невообичаено силни ветрови, кои се производ на бура над долината на реката Колорадо, а дополнително се засилуваат со она што научниците го нарекуваат „планински бран“.
Феноменот „планински бран“ се јавува кога одредени ветрови удираат во планински масиви на одредена температура, пренесува Voice of America.
„Кога тие услови совршено се усогласуваат, бранот се однесува како да е во океанот – ветровите одат преку планините и потоа се уриваат на другата страна“, рече научникот Пол Шлатер од Националната метеоролошка служба во Колорадо.
Неодамнешните снежни бури над планините Сан Бернардино, на околу два часа возење од Лос Анџелес, исто така може да придонесат за динамиката на ветерот, велат научниците.
Кимберли Симпсон од Факултетот за бионаука на Универзитетот во Шефилд рече дека климатските промени ги менуваат карактеристичните модели на пожари во овој регион.
Просечната температура во Калифорнија се зголеми за околу еден степен целзиусови од 1980 година, а со тоа двојно се зголеми и бројот на денови кога вегетацијата е сува и подложна на пожари, изјави експертот за управување со пожари Линдон Пронто од Европскиот институт за шуми.
„Завршувате со сложени ефекти и гледате дека пожарите се многу поекстремни во различни периоди од годината, без разлика дали е декември или јануари“, рече тој.
Покрај дрвјата, густо населениот урбан пејзаж на Лос Анџелес вклучува и запалив материјал со висечки кабли за напојување, дрвени телефонски столбови и куќи изградени од дрво за да се задоволат кодовите за земјотреси.
Дрвената конструкција беше исто така главен фактор за брзото ширење на пожарот во 2023 година во историскиот град Лахаина, Хаваи.
Научниците предупредуваат дека, покрај пожари, постои и ризик од лизгање на земјиштето кога гори вегетацијата, како и од експлозии на гас или пропан и други запаливи материјали во запалените куќи.
Најмалку пет лица загинаа во пожарите што зафатија делови од Лос Анџелес и соседниот округ Вентура, поради што беа евакуирани повеќе од 130.000 луѓе.
Би-Би-Си јавува дека најмалку шест пожари моментално беснеат во Лос Анџелес и соседната област Вентура, а ниту еден од нив не е локализиран.