Албанскиот премиер Еди Рама денес повторно повика на дијалог пред најавениот протест на студентите и граѓаните во Тирана и другите албански градови.
Рама објави видео на Фејсбук на кое се гледа камена маса пред неговата канцеларија со хартии на кои пишува „дијалог“.
Во претходните денови, Рама постави столчиња и клупи пред неговата канцеларија, поканувајќи ги студентите на дијалог, но тие ги одбија поканите.
Студентите најавија нов протест во Тирана
Денес ќе се одржат протести во Албанија, на кои е најавено учество на студенти, професори, претставници на синдикатите, граѓани и политички активисти.
Студентите најавија национален протест во Тирана за денес во 14 часот, кој ќе започне пред Министерството за образование, а потоа ќе продолжи пред канцеларијата на премиерот на Албанија.
Албанскиот независен синдикат за уметност, култура и медиуми, исто така, објави дека ќе се придружи на денешниот протест во знак на солидарност со студентите и граѓаните.
Демократската партија на Албанија ги покани своите активисти да се соберат денес во 12:00 часот во поддршка на студентскиот протест. Студентите закажаа протест во Тирана за 14:00 часот. Тие бараат оставка од Рама, која тој ја отфрли пред неколку дена.

