Наставници од девет европски земји деновиве се во Куманово, а во рамките на проектот „Our story, true story“.
Loading...
Гостите од Полска, Турција, Чешка, Словачка, Литванија, Португалија, Германија и Романија во рамките на својот престој во Куманово ќе ја имплементираат втората фаза од проектот, која вклучува подготовка на куклена претстава која ќе се одржи во ООУ „Толи Зордумис“.
– Првата фаза беше изготвување на книга создадена од приказни и сказни од нашиот регион, истата е илустрирана од наши ученици кои се вклучени во инклузивна паралелка, затоа што овој проект е исто така за работа со деца со посебни потреби, ова е втора фаза на проектот, кај нас ќе биде работилницата за изготвување на куклен театар, а следната година во наредната фаза од проектот ќе биде снимено видео од сите овие збирки, изјави Наталија Спасовска, координатор на проектот за Македонија.
Целта на проектот е размена на искуства, методи и техники за работа со децата со посебни потреби, а воедно и презентација и промовирање на инклузивни паралелки, односно како лицата со посебни потреби да ги изразат своите способности во инклузивна паралелка. Главен координатор на проектот е Полска.
– Проектот е во три фази, првата фаза беше прибирање на легенди, приказни и сказни од регионот на секоја држава, втората фаза е куклен театар што ќе биде работилница во „Толи Зордумис“ и последната фаза ќе биде видео. Многу уживам во престојот во Македонија, среќна сум што прв пат сум тука и сум задоволна од своите домаќини, изјави Сабина Ласман.
Гостите денеска беа на средба со првиот човек на Општина Куманово, Максим Димитриевски кој им посака пријатен престој во градот, а воедно со гостите размени и пригодни подароци. Општината логистички го покрива настанот, а според Димитриевски целта е да се соберат дела кои ќе се претстават на меѓународен план во делот на домашната култура.
– Веруваме дека конечниот производ, а секако во училиштето тоа е книгата, ќе бидат преточени во традиционални вредности со стекнување на знаења на децата во тие држави со она со што е богата Република Македонија, а секако тука се сказните, пишаните дела, приказните. Сето она искуство кое овие граѓани ќе го стекнат во нашиот град ќе биде пренесено во нивните градови и држави и ова е пред се една амбасадорска мисија на нашата општина која ја реализираме заедно со овој проект, изјави градоначалникот Димитриевски.
Проектот ќе трае три години и е во рамките на програмата К219 поддржана од Европската комисија и Македонската национална агенција.
Loading...
Loading...