МВР ќе вработи 600 нови полицајци

Сподели со своите пријатели

Министерството за внатрешни работи распишува оглас за вработување на 600 нови полицајци, дознава „Мета“. Огласот треба да биде објавен утре во „Службен весник“ и во утрешните изданија на дел од дневните весници.

Како што може да се прочита од огласот, станува збор за прием на „600 извршители на работното место полицаец“, за работа во Министерството за внатрешни работи.

Најголем дел од кандидатите, односно 100 од нив, кои ќе ги поминат обуките и ќе бидат примени, според огласот, ќе бидат распоредени во организациските единици со седиште во Скопје, потоа 165 во регионалните центри за гранични работи Север – Скопје, Југ и Запад, 50 полицајци ќе бидат вработени во секторите за внатрешни работи во Охрид и во Струмица, додека другите ќе бидат распоредени во безмалку сите полициски станици во Скопје.

Во огласот се наведени условите за пријавување на конкурсот, како и методологијата за селекција на кандидатите.

По селекцијата, избраните кандидати за полицајци ќе склучат договор за основна обука, која ќе трае една година, а на неа ќе бидат упатени „за 10 отсто поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан огласот“.

Распишувањето на конкурсот доаѓа во период кога преговорите меѓу партиите потписнички на Договорот од Пржино се најдоа во ќор-сокак околу прашање за ингеренциите на министерот за внатрешни работи.

Според Буџетот за плати, во Министерството за внатрешни работи (вклучувајќи ја и администрацијата) има 10.925 вработени.

Извор: Мета.МК