Поранешниот полски премиер Матеуш Моравјецки се бори за позицијата шеф на групата на европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) во Европскиот парламент, позиција која моментално ја има италијанскиот премиер Џордија Мелони, јавуваат полските медиуми.
На почетокот на август полскиот магазин „Впрост“ објави дека поранешниот премиер би можел да се договори со Мелони да ја замени на местото претседател на ЕЦР, но дека се уште ништо не е решено, пренесува Еурактив.
„Преговорите се во тек. Шансите се 50/50. Сè уште ништо не е решено“, изјави извор близок до Моравјецки за полскиот портал Факт, додавајќи дека Мелони „не сака да се повлече“ од функцијата лидер на ECR.
Ниту ЕЦР, ниту партијата ПиС на Моравјецки не одговорија на барањето на Еурактив да ги коментираат написите во медиумите.
Доколку Моравјецки стане шеф на групата ЕЦР, пишува бриселскиот портал, тоа би ја зацврстило позицијата на неговата партија во европската десница, по поразот на широката централно-левичарска коалиција предводена од поранешниот претседател на Европскиот совет на Доналд Туск (Граѓанска платформа, ЕПП).
Позицијата шеф на групата ЕЦР, според Факт, може да биде своевидна утеха за Моравјецки, особено ако тој не е кандидат на неговата партија ПиС на претседателските избори одржани во Полска следната година.
Со оглед на тоа што актуелниот претседател на Полска, Анджеј Дуда, треба да го заврши својот втор мандат во 2025 година, а полскиот устав му забранува повторно да се кандидира за претседател, ПиС бара нов кандидат, а според полските медиуми, Моравјецки е еден од имињата што се разгледуваат.
Меѓу другите потенцијални претседателски кандидати на партијата се европратениците Патрик Јаки и Тобијас Боцењски, поранешниот министер за одбрана Мариуш Блашчак и поранешниот министер за образование Пшемишл Чарнек, кој беше одговорен за контроверзните планови за реформи во училиштата.
Боцењски, кој беше локален политичар до освојувањето на пратеничко место во Европскиот парламент во јуни, е новиот миленик на силниот човек на ПиС, Јарослав Качински, додека Јаки, Блашчак и Чарнек се „поларизирачки фигури“ популарни меѓу гласачите на ПиС. Се верува дека кандидатот најверојатно ќе се појави на конгресот на ПиС во септември или почетокот на октомври, каде се очекува Качински да го објави кандидатот.