Министерството за внатрешни работи го расчисти случајот со убиството на 84-годишен старец од кривопаланечкото село Луке.
Откако пред неколку дена приведе тројца осомничени, денеска против двајца млади од селото е поднесена кривична пријавата под сомнение дека го убиле 84-годишникот.
– СВР Куманово поднесе кривична пријава по брза постапка против С.Ф.(19) и З.Ф.(24), двајцата од с.Луке, кривопаланечко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,убиство’’, информираат од МВР.
Како што појаснуваат од полицијата, на 24.03.2025 во с.Луке, кривопаланечко, пријавените се договориле да извршат кражба на нивниот сосед Љ.С. и го намамиле да излезе во дворот, при што првопријавениот го нападнал со остар предмет.
– Од здобиените повреди, тој починал на местото, по што му одзеле пари и телото го запалиле, додека остатоците ги закопале, велат од МВР.
Од судија на претходна постапка на пријавените им е определена мерка притвор.
Никола Ивановски