Министрите за финансии на водечките богати и земји во развој се договорија на дводневна средба во Рио де Жанеиро да работат на оданочување на „супер богатите“.
„Ќе настојуваме да се ангажираме за соработка за да обезбедиме ефективно оданочување на ултра високата нето вредност на поединците“, се вели во заедничката министерска декларација по состанокот во Рио де Жанеиро, пренесува АП.
Бразил даде предлог за воведување минимален данок за милијардерите од два отсто, а тој предлог го поделија членките на Г20.
Франција, Шпанија и Јужна Африка го поддржаа предлогот, додека САД се спротивставија.
„Даночната политика е многу тешко да се координира на глобално ниво, и навистина мислиме дека е пожелно да се преговара за тоа“, рече министерката за финансии на САД Џенет Јелен на вчерашната прес-конференција.
Милијардерите во моментов плаќаат 0,3 отсто од своето богатство како даноци, според извештајот на економистот Габриел Зукман.
Данокот од два отсто би собрал 200 до 250 милијарди долари годишно на глобално ниво од околу 3.000 поединци.
Тие пари би можеле да ги финансираат јавните услуги како образованието и здравствената заштита, како и борбата против климатските промени, се вели во извештајот.
Зукман, кој е основач на даночната опсерваторија на ЕУ со седиште во Париз, ја поздрави идејата.
„За прв пат во историјата, постои консензус меѓу земјите од Г20 дека начинот на кој ги оданочуваме супербогатите мора да се поправи. Тоа е важен чекор и ние се движиме во вистинската насока“, смета тој.