Два пакети храна и средства за лична хигиена донираа денес волонтерите на ОО на Црвен Крст Куманово, помош наменета за семејство од социјално – ранлива категорија, чие деца посетува настава во Центарот за ран детски развој во ООУ ”11 Октомври” во Куманово.
Едукаторот Верица Тодоровска се заблагодари за донацијата и објасни дека самиот Центар за ран детстки развој, нуди згрижување за децата од сиромашни семејства кои не се во можност да посетуваат градинка.
– Ова е еден обид да им го олесниме животот на нашите корисници. Обично се работи за деца од социјално-загрозени семејства згрижени затоа што престојот на децата е бесплатен, а сите материјали за работа се обезбедени од страна на УНИЦЕФ и Општина Куманово. Родителите се ослободени од секакви давачки. Овде за разлика од останатите установи, нема спиење, нема храна, туку само воспитно – образовен процес. Целта е да ги подготвиме децата за на училиште, вели Тодоровска.
Центарот за ран детски развој почна со работа во декември лани, а го посетуваат 34 деца, претежно од македонска и ромска националност.