Претседателот на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски денеска одржа брифинг со новинарите од градот на кој беа разгледувани две точки на дневен ред, и тоа информирање за работните активности на советниците во летниот период, а подоцна беше отворена дискусија за да се утврдат новите правила за следење на седниците.
Најпрвин Димитриевски ги истакна активностите на советниците во изминатите два месеци од летниот период во кој тие заедно со припадници на Отсекот за превенција при СВР Куманово вршеле патроли во трговски и угостителски објекти и разговарале со жителите за подобрување на безбедноста. Во разговорите како што истакнува претседателот на советот е заклучено дека на сите им пречи секојдневното пукање од огнено оружје на свадбени веселби, но и сообраќајниот хаос во градот.
Втората тема на која беше дискутирано се однесуваше на жалбите на дел од новинарите кои имаа истакнато дека нема услови за следење на седниците на советот.
По таа основа во заедничка дискусија помеѓу Максим Димитриевски и новинарите беа донесени неколку важни одлуки, со кои би требало да се подобрат условите за работа и следење на работата на Советот.
Иако, како што вели Димитриевски, ОБСЕ има дадено позитивни критики за работата на Советот на Општина Куманово, сепак поради недостаток од простор, новинарите немаат добар третман кога треба да ги следат седниците, а се поради малите финансиски средства со кои располага општината.
Од друга страна, градоначалникот Дамјановски најави дека од 11 ноември се надева дека седниците ќе се одржуваат во големата сала во просториите на поранешен Комитет, каде новинарите од галерија ќе можат да го следат работењето на советниците.
Засега беше одлучено од следната седница на советот новинарите да аплицираат за акредитација, за да се знае точната бројка на новинари и сниматели кои ќе присуствуваат на седниците, за да се обезбедат доволно места за следење, иако салата има капацитет за вкупно 30 лица.
Исто така, од сега сите новинари ќе добиваат покани за присуство и следење на Комисиите на Советот, а со поканите ќе им бидат доставени и сите додатни материјални кои ќе бидат изнесени на седницата.
Претседателот на кумановскиот Совет го изрази своето задоволство што голем број новинари сакат да ги следат седниците и да ги пренесат резултатите од работењето пред граѓаните, но просторните услови во кои се одржуваат истите не дозволуваат добри услови за работа.
Следната редовна седница на Советот на Општина Куманово ќе се одржи на 26 – ти август на која ќе се бара информација од директорите на ЈП Водовод и ЈП Водостопанство Кумановско – Липковско поле за проблемот со водоснабдувањето во градот.