Браната Глажња прелева, кумановци ќе немаат проблем со водоснабдување, соопштија денеска надлежните водостопанство „Кумановско липковско поле“.
Врнежите, топењето на снегот ја наполнија браната. Надлежните од претпријатието велат дека успешно ја завршиле претходната сезона.
– Навремено ја стопиравме водата и сите канали низ кои истекува. Целосно е исполнета 25 милиони кубни метри, ќе има доволно и за пиење и за наводнување, изјави Оливер Илиевски од АД Водостопанство „Кумановско липковско поле“.
Во претходниот месец имаше доволно врнежи од дожд и топење на снежната покривка што придонесе за ваков капацитет на браната.
– Сакам да истакнам дека нашите вработени, целиот тим на „Кумановско-липковско поле“ се погрижија навремено да ја затворат за да се акумулира водата. До 31 успеваме и бај-пасот го пуштивме за ЈП „Водовод“ им заштедивме и трошоци за електрична енергија, кажа Илиевски.
И земјоделците можат да бидат спокојни вода за наводнување ќе има целиот период. Од 14 април годинава, пуштен е системот за наводнување.
– Инвестициите во инфраструктура се прават преку инвестиционата програма на Влада преку Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство. Имаме проекти и за браната Глажња, за браната Липково која е подолу и за реконструкција на четвртата гранка на хидросистемот, доставен е до МЗШВ. Се надеваме дека годинава ќе почне реализацијата, изјави Илиевски.
Во Липково, помалата брана изградена за стабилизација на водата има 1, 5 милиони кубни метри вода. Ваков прелив имаше во 2018 година.
МИА