Наставникот Југослав Спасиќ при основното училиште „Крсте Мисирков“, се стекна со титулата најдобар наставник во поранешните југословенски републики, на втората регионална конференција Светот на образованието ги брише границите, која се одржа изминатиот викенд во Будва, Црна Гора. Настанот го организира Асоцијацијата на најдобри наставници од поранешните југословенски републики, а на неа присуствуваа околу 200 наставници од сите нивоа на образование, од шестте држави.
Наставникот Спасиќ на иницијатива на својата колешка Стојанка Дудучки се пријавил на конкурсот, ги исполнил критериумите и условите поставени од асоцијацијата и се стекнал со ова значајно признание. Но, освен титулата тој добил уште едно признание, за најдобар постер презентација за Иновативни креитериуми за оценување и самооценување во физичко образование.
-Ова признание секако дека е убаво заради вложениот труд, но сега за мене претставува една мисија во наредниот период, со која би сакал да ги стимулирам и убеден сум, знам дека има многу квалитетни наставници во нашиот град и државата, би ги инспирирал да се пријавуваат и тие. Да можеме заедно да се вмрежуваме првин на локално ниво, национално потоа и на ова интернационално и сите промени кои може да ги направиме во образовниот систем, да ги правиме токму ние, кои од пракса изворно ќе ги даваат предлозите за подобри промени и образование за сите, кое ќе се рефлектира на учениците, родителите и општеството а со тоа би сакале да го подобриме статусот на наставникот во нашето општество, бидејќи мора да признаеме дали ќе сме политичари, судии, инженери, сите поминуваат рацете на наставникот и мислам дека наставникот заслужува едно повисоко место во нашето општество-истакна Спасиќ.
Асоцијацијата е основана на идеја на финалистките на „Global Teacher Prize“ и наставници-амбасадори на „Varkey“ фондацијата од подрачјето на бивша Југославија – Весела Богдановиќ од Македонија, финалистка на Global Teacher Prize 2015 и Жељана Радојчиќ Лукиќ од Србија, финалистка на Global Teacher Prize 2018. Целта на асоцијацијата е обединување на наставниците ентузијасти од регионот, и создавање подобри услови во образовните системи.