Русија и Северна Кореја не се заинтересирани за изјавите на САД, изјави во вторникот за руските новински агенции портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги предупредувањата на Вашингтон за севернокорејската продажба на оружје на Русија.
„Како што знаете, во односите со нашите соседи, вклучително и со Северна Кореја, интересите на нашите две земји ни се важни, а не предупредувањата од Вашингтон“, рече Песков, пренесуваат руските агенции.
„Ќе се фокусираме на интересите на нашите две земји“, додаде тој.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун пристигна во Русија каде ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Како што јави севернокорејската државна агенција КЦНА, тој во неделата го напушти Пјонгјанг придружуван од највисоките претставници на воената индустрија, дипломати и воени команданти.
Американските власти, кои разговараа за можноста за посета, рекоа дека разговорите за вооружување Русија-Северна Кореја активно напредуваат и дека Ким и Путин најверојатно ќе разговараат за продажба на оружје на Русија за војната во Украина.
По завршувањето на економскиот форум во Владивосток треба да се одржи средба меѓу Путин и Ким Џонг Ун, но не е потврдено каде и дали Ким ќе присуствува на форумот.
Како што пренесуваат руските агенции, Песков најавил дека Путин и Ким ќе разговараат за билатералните односи, како и за ситуацијата во регионот и светот и дека Русија, доколку е потребно, „со севернокорејските другари“ е подготвена да разговара за санкциите воведени на Северна Кореја.
Рускиот министер за надворешни работи Андреј Руденко, како што јави агенцијата Интерфакс, најави дека Москва ќе и достави на Јужна Кореја детали за посетата на севернокорејскиот лидер на Русија, доколку Сеул побара такви информации.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Северна Кореја можете да ги прочитате ТУКА.