Ковачевски – Голоб: Конкретна поддршка за следниот чекор кон ЕУ

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во рамки на официјалната посета, се сретна со претседателот на Владата на Република Словенија, Роберт Голоб, со кого имаа тет а тет средба, а потоа и билатерален состанок на којшто присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, вицепремиерката и министерка за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон и министерката за дигитализација на Словенија, Емилија Стојменова Дух.

Loading...

На состанокот е констатирано дека Република Северна Македонија и Словенија веќе 31 година развиваатискрено и цврсто пријателство, кое што резултира со продуктивна билатерална соработка.

Пренесена е јасна поддршка од Словенија за следниот чекор на Северна Македонија во евроинтеграциите, како заслужен напредок и неопходен за стабилноста на регионот и Европа, во геополитички контекст. Поради тоа, изразено е очекување за разбирање на важноста на моментумот и продолжување по европскиот пат.

Премиерот Ковачевски рече дека Северна Македонија високо го почитува ангажманот на Словенија во сите важни процеси за нашата држава, при НАТО интеграцијата, кога беше втората земја што го ратификуваше Протоколот за пристапување и посебно при отворањето на пристапните преговори со ЕУ, во јули, минатата година, по 17 години од добиениот кандидатски статус.

„Словенија отсекогаш била силен и гласен поддржувач на нашите евроатлантски интеграции и на европските перспективи на Северна Македонија и на Западен Балкан и затоа од исклучителна важност е поддршката и во овие моменти кога е пред нас шансата за зацврстување на европската ориентација, која е од стратешко значење и за целиот регион“, рече премиерот Ковачевски.

Владата на Република Северна Македонија, како што потенцираше премиерот Ковачевски ќе продолжи да работи на продлабочување на партнерството со Словенија, за што е доказ и денешното потпишување Заедничка декларација за зајакнување на соработката меѓу Северна Македонија и Словенија, што ќе придонесе за натамошно интензивирање на билатералната соработка.

Разговарано е и за успешната економска соработка, за што е доказ унапредувањето на трговијата меѓу двете земји, како и за можностите за проширување на соработката и во други области од значење за граѓаните, како што е енергетиката и дигитализацијата. При тоа разговарано е и за одржување заедничка седница на двете влади во текот на оваа година.

На средбата е потенцирана и улогата на Северна Македонија како промотор на културата на дијалог во регионот, којашто со политиките на добро разбирање и дијалог во регионален контекст и со континуитетот во поддршката на европските вредности и поставувајќи се јасно и ефективно на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина и со претседавањето со ОБСЕ, активно придонесува во регионалната стабилност и перспективи.

Loading...