Иран синоќа лансираше околу 180 проектили кон Израел, соопшти израелската армија. Ова е поголем напад од оној во април, кога кон Израел беа истрелани околу 110 балистички ракети и 30 крстаречки ракети.
На снимката, објавена од израелските медиуми, се гледа како некои ракети летаат над Тел Авив малку пред 19:45 часот по локално време.
Повеќето од ракетите беа соборени од израелски системи за воздушна одбрана.
Дописникот на Би-Би-Си од Ерусалим јави дека можеби се погодени некои воени бази, ресторани и училишта, но се уште нема официјална потврда.
Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) тврди дека 90 отсто од проектилите ги погодиле нивните цели, додавајќи дека за прв пат биле користени и хиперсонични ракети.
Извори на ИРГЦ изјавија дека три израелски воени бази наводно биле мета.
Палестинската управа за цивилна одбрана во Ерихон на Западниот Брег соопшти дека во судирите загинало едно лице.
Гувернерот Хусеин Хамајел изјави за АФП дека лицето било убиено од паѓање на ракетни остатоци.
Израелските власти не пријавија сериозни повреди, но израелските лекари соопштија дека две лица се полесно повредени од шрапнели.