Кампањата ќе биде кратка, но одлучувачка, најавија во Филаделфија, во американската сојузна држава Пенсилванија, демократската претседателска кандидатка Камала Харис и кандидатот за потпретседател Тим Валц, кој беше назначен само неколку часа претходно.
Публиката ги пречека со ентузијазам, а тие истакнаа дека се свесни за предизвикот што ги чека.
„Ние сме аутсајдерите во оваа трка“, рече Харис.
Притоа, таа се стремеше кон тоа дека и двајцата првично не биле наменети за претседателска и за потпретседателска кандидатура.
А Валц го спомна краткото време што го имаат во кампањата против републиканскиот кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп.
„Имаме 91 ден“, изјави гувернерот на американската сојузна држава Минесота.
Камала Харис беше полна со пофалби за Валц. Тој е личност која „на луѓето им дава чувство на припадност и ги инспирира да сонуваат големи“.
„Ова е потпретседателот кој Америка го заслужува“, убедена е 59-годишната политичарка.
Таа ја издвои поддршката на Волц за воените ветерани, синдикатите, либералните права за абортус и построгите закони за оружје.
Покрај неговата политичка кариера, Харис го истакна и поранешниот ангажман на Валц како учител и тренер на американски фудбал.
Кој е Тим Валц?
Тимоти Џејмс Валц, познат како Тим, е роден на 6 април 1964 година во Небраска. Неговото семејство има германско, шведско и ирско потекло.
По завршувањето на средното училиште, служел во Националната гарда 24 години. Подоцна работи како учител, прво во странство, во Кина, а потоа во САД. Оженет е и татко на две деца.
Од 2007 до 2019 година, Валц ја претставуваше неговата изборна единица во Минесота во Претставничкиот дом на САД, каде што служеше во Комитетот за прашања на ветераните. Во 2018 година, тој победи на изборите за гувернер на Минесота.
За време на неговиот мандат, тој се залагаше за прогресивни политики: права на абортус, легализација на марихуаната за рекреативна употреба и бесплатни училишни оброци за сите деца.
Затоа Валц е искусен политичар, но до неодамна не беше особено познат на пошироката американска јавност.
Тоа се промени кога во интервјуто со поранешниот претседател Доналд Трамп го употреби терминот „чуден“ – што би значел чудно, комично, необично.
Терминот стана вирален и постепено беше усвоен од сите истакнати членови на Демократската партија.
„Најрадикалното левичарско дуо во американската историја“
„Иако Валц не е познат низ целата земја, тој со своето потекло успева веродостојно да привлече одреден дел од гласачкото тело“, оценува за ДВ Филипо Тревисан, политиколог од Американскиот универзитет во Вашингтон.
Тој верува дека Харис го избрала Валц за да „допре до гласачите во рурална Америка“ на претседателските избори.
Валц ги обвинува Доналд Трамп и Џеј Ди Венс дека не ја познаваат средната класа, вели Тревисан, „додека тој самиот доаѓа од средната класа“.
Валц е белец од Среден Запад на САД кој пораснал во скромни околности. Приземен, прагматичен, некој што сака да оди на лов и поседува сопствено оружје.
Во исто време, тој има либерални ставови и ужива посебна поддршка од левото крило на партијата.
По најавата дека Валц ќе биде потпретседателски кандидат на Камала Харис, Доналд Трамп изјави дека станува збор за „најрадикалното левичарско дуо во американската историја“.
Директна конфронтација со Трамп
Валц, за Харис, е приближно она што Трамп го имал на ум со Венс: партнер кој пораснал во едноставни рурални услови – како врска со работничката класа и оние кои едвај врзуваат крај со крај.
Но, за разлика од Волц, Венс подоцна стана не учител, туку финансиски инвеститор со диплома по право од елитниот американски универзитет Јеил.
Валц смисли нова стратегија: да не ги сфаќа Трамп и Венс премногу сериозно. На своите предизборни настапи, Трамп секогаш прикажува катастрофални сценарија за колапс на земјата под водство на „левичарски радикали“ како Харис – а сега и Валц.
Така, поранешниот претседател тврди дека Харис и Ванц сакаат да ги уништат Соединетите Држави, пасивно да ја следат инвазијата на криминалните мигранти и да ги водат САД во Трета светска војна.
Валц не му останува должен. Првото појавување во Филаделфија како потпретседателски кандидат го искористи за директна пресметка.
Покрај тоа што повторно го нарече „чуден“, тој оцени и дека Трамп има премногу себичен карактер за претседателот на САД.
„Доналд Трамп – тој го гледа светот поинаку. Тој не знае ништо за служење на нацијата, бидејќи е премногу зафатен со служење на себе.“
Валц, исто така, рече дека Трамп се обидува намерно да ја ослабне економијата за свои цели, да го исмева законот и редот и да сее „хаос и поделба“.
По првото појавување на кампањата, Харис и Валц продолжуваат со забрзано темпо. Зашто, како што рече кандидатот за потпретседател, им остануваат само 91 ден.