Коха Диторе објави ново име од Македонија кој соработувал со групата од Куманово

Сподели со своите пријатели

Поранешен припадник на ОНА, а сегашен службеник на УБК  ги пречекал во Куманово членовите на групата осомничена за тероризам по престрелката со полицијата во Диво Насеље, јавува приштинскиот весник Коха Диторе повикувајќи се на извори од косовските тајни служби.

Loading...

Косовските служби ги прислушувале припадниците на кумановската група од 2-ри април или 23 дена пред да се случи нападот во Гошинце, односно цели 37 дена пред битката во Диво Насеље.

Според тие разговори кои во видео и аудио форма ги има косовската агенција за разузнавање и весникот Коха Диторе, може да се слушне дека 4-ца припадници на кумановската група, тројца косовари и еден македонски државјанин контактирале со припадници на македонските тајни служби.

Едниот од нив бивш борец на ОНА, кој сега работел во македонската тајна полиција им бил контакт во Куманово на припадниците на групата на Ндрецај.

Коха Диторе наведува дека македонскиот таен агент од албанска националност има иницијали Х.Б. Вториот контакт бил вработен во Агенцијата за разузнавање Ш. М.

Тој според Коха Диторе во разговор со Ндрецај му кажал дека полицијата во Гошинце ќе остави 60 калашњикови, 60 пиштоли и 3 сандаци со муниција.

Претходно според прислушуваниот телефонски разговори лидерите на групата му се жалеле на Ш.М. дека немаат оружје за акции во Македонија.

Иницијалите Ш.М. одговараат на името кое вчера извесен командант Пантери го спомна во емисија на косовската телевизија РТК, како организатор на кумановските настани со кого се сретнале во скопско БМВ во Урошевац.

Loading...

Спомнатиот Рафис Алити, актуелен пратеник во македонското Собрание денеска за Телма тврди дека приказната на Пантери не е точна и дека тој немал никакви контакти ниту со Мемети ниту со групата на Ндрецај.

Од македонската агенција за разузнавање не ни одговорија дали Мемети како нивен припадник навистина се среќавал со припадници на кумановската група и дали тоа било дел од неговите разузнавчки активности.

Одговорот оттаму беше дека надлежните луѓе за разговор со нас не се во агенцијата. Коха Диторе во својата сторија наведува дека со наводниот договор меѓу косовските терористи и македонските тајни агенти било средено да нема никакво пукање или жртви и во Гошинце и во Куманово.

Но за тој договор знаеле само 4-ца од групата која броела вкупно 44-ца и на 9-ти мај кога се случи инцидентот еден кумановец кој сега е меѓу осомничените за тероризам отворил оган и усмртил еден полицаец по што се разгорела битката.

Коха диторе наведува дека за сите активности на групата косовските безбедносни служби ја известиле претседателката Јахјага и косовскиот премиер.

Не се наведува дали тие информацијата за подготовка на кумановските настани ја споделиле со своите македонски колеги.

Косовскиот весник објавува дека групата изнајмила 5 куќи кои ги поврзала преку дупки во ѕидовите и дека многу од жителите на Диво Насеље знаеле дека групата е во нивно соседство и според „Коха диторе“ 70 проценти од локалното население си заминало ноќта кога се случил инцидентот.


Loading...

Leave a Reply