Ќе се соочи ли Куманово од денес со нова еколошка катастрофа?

Сподели со своите пријатели

Жителите на селото Пчиња – општина Куманово за денес во 11 часот најавија протест и блокирање на регионалниот пат кој води до депонијата каде ЈП ”Чистота и зеленило” го складира отпадот и сметот од целиот град во обид од локалната самоуправа да добијат одговор за тоа кога селото ќе добие водоводен и канализационен систем.

Loading...

Во најава за денешниот протест, жителите како образложение велат дека бараат од градоначалникот и локалната самоуправа да им го одобри проектот за воведување водоснабдителна и канализациона мрежа во селото, повикувајќи се на проект кој наводно им бил ветен уште во 2008 година.

Неодамна, градоначалникот Зоран Дамјановски како одговор на обвинувањата изнесени од агенцијата НЕТПРЕС говореше токму на оваа тема, откако НЕТПРЕС го обвини дека тој намерно го чува проектот незавршен иако од Владата има одобрено еден милион евра за таа намена.

Директорот на ЈП ”Чистота и зеленило” утринава најави дека за блокадата на патот ќе го информира и СВР Куманово велејќи дека проблемот со жителите на село Пчиња не треба да го доведе редовното исфрлување на смет под знак прашалник, потенцирајќи дека така, градот ќе го задеси еколошка катастрофа.

Како што најавија жителите на оваа кумановско село, протестот со блокада на патот нема да престане се` до целосно решавање на нивниот проблем.