Ќе се амнестираат 20 000 осигуреници кои пред ФЗОМ навеле невистинити содржини

Сподели со своите пријатели

Владата на Република Македонија усвои предлог закон за дополнување на Законот за здравствено осигурување со кој се решава проблемот со кој се соочуваа 20.000 граѓани.

Loading...

Со законското решение на Владата се врши ослободување од кривично гонење на лицата за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело по член 380 од Кривичниот законик – Употреба на исправа со невистинита содржина, односно на лицата кои што во постапката за пријавување во здравственото осигурување пред Фондот за здравствено осигурување поднеле изјава со невистинита содржина за остварените приходи во претходната година согласно прописите за придонесите од задолжителното осигурување.

Согласно предлог законот за дополнување на Законот за здравственото осигурување, кој веќе поминал на владина седница, освен ослободување од кривичното гонење на оваа категорија лица, се предвидува и запирање на кривичните постапки кон лицата кон кои се започнати истите, и потполно се ослободуваат од извршување на казната, се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата на лицата кон кои веќе се донесени судски пресуди.

Предлог законот со кој се регулира оваа материја е веќе усвоен на владина седница, и тој веќе е испратен во Собранието на Република Македонија, потврдија од Владата.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Стефаноски вели дека ваквиот предлог закон е оправдан и исправен и тој е базиран на елементот на социјална правда и правичност.

Точно е дека за определена популација на граѓани постои основа на сомнение дека во постапката пред ФЗО дале невистинита изјава во поглед на личните примања, но ненавлегувајќи во тоа дали тој основ на сомнение ќе се потврди или нема да се потврди, можам да кажам дека условно кажано индивидуалната штета која е предизвикана на Фондот од страна на тие лица е незначителна и мала, односно во над 95 отсто од овие случаи таа изнесува по само неколку илјади денари, и сметавме дека овие лица не треба да бидат законски гонети, а кон оние кон кои е веќе отпочната процедура пред судовите таа треба да запре. Оние пак кои се веќе осудени, односно е потврден основот на сомнение, согласно овој предлог закон на Владата кој е усвоен ќе добијат ослободување од казната и ќе им се избрише и казната и правната последица, вели директорот Стефановски.

Тој додава и дека се работи за бројка од околу 20.000 граѓани, односно околу 12.000 граѓани кон кои се веќе отпочнати постапки, и над 8.000 граѓани кон кои се уште не се отпочнати правните процедури. Граѓаните се од цела Македонија, од кои најголем дел од Прилеп, Битола, Струмица, Скопје но и од другите градови.

Извор: Здравство24.мк