Кина не учествува во управувањето и функционирањето на Панамскиот канал и никогаш не се мешала во овие работи, изјави денеска портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг.
Таа додаде дека Кина постојано го почитува суверенитетот на Панама над каналот и го признава како трајно неутрален меѓународен воден пат, објави Ксинхуа.
Ова го изјави портпаролката на кинеското министерство како одговор на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за повторно заземање на Панамскиот канал, соопшти агенцијата.
Во понеделникот, додека го одржуваше своето инаугуративно обраќање во централната комора на американскиот Конгрес, Трамп ја повтори својата намера да го „врати“ Панамскиот канал.
Тој исто така тврдеше дека Кина го контролира Панамскиот канал.
Панамскиот канал беше отворен во 1914 година и беше изграден и контролиран од Соединетите држави.
Договорот Торијос-Картер од 1977 година воспостави фазен трансфер на каналот во панамската јурисдикција, кој беше завршен во 1999 година, а договорот предвидуваше неутралност на каналот и негова пристапност до светската трговија.