Полицијата во Канада извести дека маж на крајниот север на земјата скокнал врз поларна мечка за да ја заштити својата сопруга од напад.
Неидентификуваниот маж се здобил со сериозни повреди, но се очекува да се опорави, се вели во извештајот на полицискиот оддел Нишнавбе Аски.
Инцидентот се случил околу 5 часот наутро по локално време во вторникот во заедницата Форт Северн Прва нација, мала населба со приближно 400 жители во далечниот северен Онтарио.
Двојката излегла од куќата за да ги бара своите кучиња кога мечката ја нападнала жената од патеката на нивниот дом.
По нападот, мечката се повлекла во шумата
Во полициското соопштение се наведува: „Жената паднала на земја, а нејзиниот сопруг скокнал врз животното за да го спречи нападот. Мечката потоа го нападна човекот, нанесувајќи му сериозни, но не и опасни по живот повреди на рацете и нозете“.
Соседот брзо пристигнал со пушка и неколкупати ја застрелал мечката, која потоа се повлекла во блиската шума каде им подлегнала на повредите.
Мажот бил пренесен во локалната клиника, каде му била укажана лекарска помош.
Полицијата продолжи да патролира во областа за да се осигура дека нема други мечки да се приближат до заедницата.
Нападите на поларните мечки се ретки
Alysa McCall, научник од организацијата Polar Bear International, изјави дека поларните мечки ретко напаѓаат луѓе, пренесува BBC.
Според неа, нападите најчесто се случуваат кога мечката е гладна, млада или болна. Поларните мечки обично избегнуваат човечки населби, поминувајќи поголем дел од своето време на море и ловејќи фоки на мразот.
Сепак, Мекол предупреди дека климатските промени предизвикуваат промени во температурите и распаѓање на мразот, а во некои случаи ги принудуваат мечките да се упатат кон внатрешноста во потрага по храна.
Таа советуваше: „Ако ве нападне бела мечка, не се преправајте дека сте мртви, тоа е мит. Борете се со сите сили“.