Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади изјави денеска дека Израел го турка целиот Блиски Исток на работ на регионален конфликт одржувајќи опасна ескалација на неколку фронтови.
Тој ова го изјави по состанокот на Контакт групата на министри на исламските и арапските земји во Аман, кој беше посветен на постигнување прекин на огнот во Газа, пренесува Ројтерс.
Според него, мирот нема да завладее без решение во кое ќе бидат вклучени две држави.
Пејџерите што ги користеа членовите на Хезболах вчера експлодираа истовремено во јужен Либан, а Хезболах денеска објави дека бројот на загинати во експлозијата на пејџер се искачи на 12, откако уште тројца оперативци на групата им подлегнаа на повредите.
Неименувани либански извори тврдат дека израелската разузнавачка служба Мосад поставила мало количество експлозив во 5.000 пејџери од тајванско производство нарачани од либанската група Хезболах неколку месеци пред вчерашните експлозии, пренесе британската агенција.
Хезболах почна да истрела ракети и беспилотни летала во северен Израел по избувнувањето на конфликтот во Газа по нападот врз Израел од страна на палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври минатата година.
Хезболах најави дека ќе ги запре нападите доколку се постигне примирје во Газа, но повеќемесечните преговори со посредство на САД, Катар и Египет се во застој, пренесува Танјуг.
Израел одговара на нападите на Хезболах со воздушни напади врз позициите на Хезболах во Либан.