Јапонија најави дека на 24 август ќе почне да испушта повеќе од еден милион метрички тони прочистена радиоактивна вода од уништената нуклеарна централа Фукушима во морето, пренесува Танјуг повикувајќи се на Ројтерс.
Оваа операција, која ќе се спроведе врз основа на план одобрен од Владата на Јапонија пред две години, предизвика критики од Кина, но и од јапонските рибари кои стравуваат дека угледот на јапонската рибарска индустрија и постоењето на јапонските рибарите ќе бидат загрозени.
„Побарав од Tepco, компанијата која управува со нуклеарната централа Фукушима, брзо да се подготви за ослободување на водата во согласност со планот одобрен од нуклеарното регулаторно тело. Очекувајте испуштањето на водата да започне на 24 август, доколку временските услови дозволат“, изјави рано утринава премиерот Фумио Кишида.
Разбирање со рибарите
Изјавата на Кишида доаѓа само еден ден откако јапонската влада соопшти дека е постигнат повисок „степен на разбирање“ со јапонската рибарска индустрија.
„Ветувам дека ќе ја преземеме целата одговорност за да се осигураме дека рибарската индустрија може да продолжи да заработува пари иако целиот процес ќе трае со децении“, рече првиот човек на јапонската влада.
Властите на оваа азиска земја тврдат дека испуштањето на радиоактивна вода е безбедно, а Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН, МААЕ, во јули даде зелено светло на планот на Владата од Токио.