Јапонскиот производител на пелени Oji Holdings објави дека ќе престане да произведува пелени за бебиња и наместо тоа ќе се фокусира на пазарот за возрасни.
Оваа компанија е последната во низата која донесе ваква одлука во Јапонија, која забрзано старее и има рекордно низок наталитет, објави Би-Би-Си.
Продажбата на пелени за возрасни ја надмина продажбата на пелени за доенчиња во последните 10 години.
Бројот на бебиња родени во Јапонија во 2023 година изнесува 758.631, што е за 5,1 отсто помалку од претходната година.
Тоа беше и најмалиот број на раѓања во Јапонија од 19 век.
Во 1970-тите таа бројка беше повеќе од два милиони.
Во соопштението, Oji Holdings рече дека нејзината подружница, Oji Nepia, моментално произведува 400 милиони бебешки пелени годишно.
Производството е во пад од 2001 година, кога компанијата го достигна својот врв – производството од 700 милиони пелени.
Во 2011 година, најголемиот јапонски производител на пелени, Unicharm, објави дека неговата продажба на пелени за возрасни ја надминала продажбата на пелени за бебиња.
Во меѓувреме, пазарот на пелени за возрасни расте и се проценува дека вреди повеќе од две милијарди долари.
Јапонија има една од најстарите популации во светот, со речиси 30 отсто од жителите на возраст од 65 или повеќе години.
Минатата година уделот на лица над 80 години за прв пат надмина 10 отсто.
Но, Јапонија не е сама, стапките на плодност опаѓаат и во Хонг Конг, Сингапур, Тајван и Јужна Кореја, од кои последната има најниска стапка на наталитет во светот, пренесува Танјуг.