Излобата „Кумановски графичари 2024“ во четврток во НУЦК „Трајко Прокопиев“

Сподели со своите пријатели

Биеналната изложба на графики „Кумановски графичари 2024“ ќе биде отворена во четврток од 19:30 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Loading...

На изложбата учество зедоа следниве академски графичари: Александар Стефановски, Валентина Илијевска, Зоран Јакимовски, Милена Арсовска, Мирослава Цветковиќ, Симона Јакимовска,  Стефан Анчевски, Стефан Јакимовски, Тања Соларска-Темелковски  и Ханифе Ислами.

Изложбата содржи 22 графики во повеќе техники, изработени во последните неколку години.

Гледајќи наназад, во изминатите дваесетина години, со гордост можеме да констатираме дека и покрај многуте објективни и субјективни проблеми коишто се присутни во националните установи од областа на културата, успеавме да го реализираме 10-тото издание на традиционалната графичка изложба “Кумановски графичари 2024“. Анализирајќи ја ретроспективно, за  оваа изложба менаџирана од тимот на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово  и финансиски потпомогната од Министерството за култура на РС Македонија       можеме да кажеме дека имаше интересна историја и дека предизвикуваше интерес кај локалната и регионалната македонска публика но понекогаш беше присутна и на меѓународната ликовна сцена.  Сепак, најзначаен придонес даде во својата примарна улога а тоа значи континуирано следење на  кумановската графичка сцена, презентирање на графичките трудови и конекција со пошироката публика.

На објавениот јавен конкурс оваа година се пријавија 10 автори од повеќе генерации коишто ќе се претстават со дваесетина графики работени во повеќе графички техники.  Се работи за неизложувани дела работени во различни временски периоди на коишто се воочува силен авторски печат и желба за остварување на авторска слобода во изразот. Тоа, пак, ќе резултира во креации со повеќеслојна ликовна естетика, карактеристична за експресивно-апстрактниот израз на современата графика. Во техничка смисла следиме и сè поголемо присуство на дигиталната графика како и обидите за експериментирање коишто често пати излегуваат од дефиницијата на графичко дело или ако сакате разбирањето на графиката како уметност на мултиоригиналот. Севкупно гледано, пред нас имаме една интересна колекција на графички листови којашто, се надеваме, ќе предизвика интерес кај пошироката публика.

Изложбата ќе биде поставена до 28.11.2024.

Пишува: Роберт Цветковски, историчар на уметноста