Маж за кој се вели дека работел за израелската агенција за надворешно разузнавање и играл улога во атентатот врз полковник на Револуционерната гарда во Техеран во 2022 година, беше погубен денес во Иран, објави државната новинска агенција ИРНА.
Во извештајот се вели дека човекот бил идентификуван како Мохсен Лангарнешин и дека бил обесен.
Се вели дека бил „висок шпион на Мосад“ кој обезбедил „техничка поддршка“ во атентатот на полковникот Хасан Сајад Ходај, кој бил застрелан пет пати од вооружени лица со мотоцикл пред неговиот дом во Техеран.
Агенцијата ИРНА изјави дека Мосад го регрутирал Лангарнешин во 2020 година и дека тој се сретнал со израелските разузнавачи во Грузија и Непал.
Лангарнешин, според извештајот, изнајмил безбедни куќи за оперативци во неколку ирански градови, вклучувајќи го и Исфахан, кога беспилотните летала бомбардирале она што Иран го опиша како воена работилница во јануари 2023 година. Иран го обвини Израел дека стои зад нападот.
Лангарнешин се изјасни за виновен пред Иранскиот револуционерен суд, објави ИРНА.
Тој суд беше основан по Исламската револуција во 1979 година и е познат по строгите казни за оние кои се спротивставуваат на иранските свештенички власти.