Индонезиските власти денеска соопштија дека уапсиле шест лица под обвинение за шверц на дрога на Бали, а според законите на земјата, четворица од уапсените може да се соочат со смртна казна.
Двајца тајландски државјани беа уапсени при пристигнувањето на аеродромот во Бали на 8 септември со 1,9 килограми метамфетамин измешан со екстази во прав и 20 апчиња екстази, изјави шефот на провинцијата за борба против наркотици Руди Ахмад Судрајат.
Полицијата подоцна уапси двајца Индонезијци под обвинение дека нарачале дрога од Тајланд, пренесува АП.
Четворицата може да се соочат со смртна казна доколку бидат обвинети и прогласени за виновни, соопшти полицијата.
Во јули, индонезиските власти уапсија двајца Европејци под обвинение за дрога, меѓу кои и Летонец кој носел 450 грама хашиш и 977 грама марихуана скриени во куфер.
Судрајат рече дека уапсениот Летонец имал тетоважа што укажувала дека припаѓа на организирани криминални групи во поранешниот Советски Сојуз и дека се соочува со можна доживотна казна затвор за шверц на канабис.
Швеѓанец беше уапсен на 31 јули кога полицијата упадна во неговата вила во градот Џањар, популарна туристичка дестинација, и заплени 200 грама хашиш, по дојава дека добил сомнителен пакет по пошта од Тајланд.
Нему му се заканува затворска казна до 15 години.
Во Индонезија десетици шверцери на дрога се осудени на смрт, а последните егзекуции беа извршени во јули 2016 година.