Гувернерот на Хаваите Џош Грин рече дека идентификувањето на загинатите во пожарите во Мауи ќе биде многу тешко и веројатно ќе трае со недели.
Тој повтори дека бројот на загинати се искачи на 106, а од семејствата на жртвите беше побарано да дадат примероци од ДНК, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Си-Ен-Ен.
Генетски тим ќе помогне да се идентификуваат жртвите додека 185 спасувачи и 20 кучиња продолжуваат да ја пребаруваат пепелта на домовите и другите структури изгорени во најсмртоносниот шумски пожар во САД во повеќе од еден век, рече Грин.
„Ова е слично на воена зона или она што го видовме на 11 септември [2001 година и терористичките напади на Њујорк и Вашингтон]“, додаде тој.
Според гувернерот, идентификацијата е комплицирана бидејќи останките главно се непрепознатливи, а ретко се наоѓаат отпечатоци од прсти.
Пусти историски делови на Лахаина
Како што објасни тој, истражителите треба да развијат ДНК профили на посмртните останки и да пронајдат совпаѓања со примероците на ДНК обезбедени од роднините на исчезнатите.
Само пет од 106 загинати биле идентификувани во вторникот, според официјални лица од округот Мауи.
Двајца се јавно именувани, а имињата на другите тројца ќе бидат објавени кога нивните семејства ќе бидат известени, соопшти округот.
Членовите на семејството на исчезнатите дадоа 41 примерок од ДНК, соопштија окружните власти.
Пожарите почнаа да се шират на 8 август и ги опустошија историските делови на туристичкиот град Лахаина во Западен Мауи.
Џонатан Грин, заменик помошник секретар на американското Министерство за здравство и човечки услуги, рече дека е обезбедена и мобилна мртовечница за да им помогне на властите да ги идентификуваат и обработат останките со рендген и друга опрема.